Внесувањето на овој витамин може да го забави биолошкото стареење за три години

Редовното внесување на витамин Д3 може значително да го забави биолошкото стареење и да помогне во спречувањето на болести поврзани со стареењето, според нова научна студија објавена во Американскиот журнал за клиничка исхрана.

Овие наоди отвораат нови врати за потенцијални стратегии за долговечност и зачувување на здравјето во староста.

Големо клиничко испитување

Студијата е дел од големо клиничко испитување наречено „Витал“, во кое учествувале жени над 55 години и мажи над 50 години. Пет години, учесниците земале додатоци на витамин Д3 и омега-3 масни киселини дневно.

Теломерите како показател за стареење

Научниците се фокусираа на теломерите – заштитни краеви на хромозомите кои ја штитат ДНК за време на клеточната делба. Како што старееме, теломерите природно се скратуваат, а нивната должина е поврзана со развој на разни болести, вклучувајќи кардиоваскуларни и невродегенеративни нарушувања.

„Витал е првата долгорочна рандомизирана студија што покажува дека витаминот Д може да помогне во зачувувањето на должината на теломерите“, вели д-р Џоан Менсон од болницата „Бригам енд Женс“, еден од авторите на студијата.

Таа додаде дека ова откритие е особено значајно бидејќи претходните истражувања веќе посочија на други придобивки од витаминот Д, како што се намалување на воспалението и намалување на ризикот од хронични заболувања, вклучувајќи некои форми на рак и автоимуни нарушувања.

Три години „помлади“ клетки

За време на студијата, учесниците добивале 50 микрограми витамин Д3 и 1 грам омега-3 масни киселини дневно. Должината на теломерите беше мерена на почетокот, а потоа по две и четири години кај повеќе од илјада испитаници.

Резултатите покажаа дека редовното внесување на витамин Д3 значително го забавило скратувањето на теломерите, што, според проценките на научниците, одговара на забавување на биолошкото стареење за речиси три години во споредба со плацебо групата.

„Во споредба со плацебо, витаминот Д3 значително го намали губењето на должината на теломерите кај леукоцитите“, се вели во студијата. Од друга страна, омега-3 масните киселини не покажаа значаен ефект врз должината на теломерите за време на периодот на студијата.

Потенцијална стратегија за долговечност

Коавторката на студијата, д-р Хаидонг Жу (Haidong Zhu), истакна дека резултатите укажуваат дека целното дополнување со витамин Д може да биде корисна стратегија за забавување на биолошкото стареење.

„Иако се потребни понатамошни истражувања, дневното дополнување со витамин Д3 – со или без омега-3 масни киселини – може да игра важна улога во одржувањето на здравјето и функционалноста во староста“, заклучуваат авторите.

Оваа студија охрабрува понатамошно истражување на улогата на витаминот Д во продолжувањето на здравиот животен век, а резултатите би можеле да имаат значајни импликации за јавното здравје и препораките за исхрана во иднина.