Водата во Охридското Езеро е чиста и исправна за капење, спорт и рекреација. Тоа го покажуваат последните анализи на квалитетот на водата што редовно ги спроведува Центарот за јавно здравје од Охрид.
– Последните физичко-хемиски и микробиолошки анализи спроведени минатата седмица на северниот дел од крајбрежејто на Охридското Езеро, на потегот од хотелот „Милениум“ до „Андон Дуков“, покажуваат дека водата е од прва и втора класа и е исправна за капење и рекреација, значи истата е здравствено безбедна. Моментално се врши анализа на водата од Струга до Радожда, а наредната седмица од Свети Наум до хотел „Парк“. Претходните анализи на сите тие локации, од Свети Наум до Радожда, покажаа дека водата е со исклучителен квалитет, рече Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.
Тој за МИА рече дека очекувано последните анализи покажуваат мала деградација во квалитетот на водата во северниот дел на езерото, но оти тоа е ситуација што се повторува последните триесет години. Појасни дека тоа е последица што во овој период од годината температурата на водата расте, што ја намалува нејзината сатурација, а секако врз квалитетот на водата притисок има и од зголемената популација во градот во летната сезона.
– Наназад години се соочуваме со истите проблеми, за истите алармираме и ги истакнуваме во сите извештаи. Потенцијална опасност за квалитетот на водата во езерото се пред се реките што се вливаат – Сатеска, Коселска, Велгошка (Грашница) и Черава на албанската страна. Тие четири реки носат најмногу загадување и влијаат негативно врз еко-системот. Исто така проблем се и оние делови од езерото каде нема приклучок кон Колекторскиот систем – од Свети Наум до Десарет на источното и од Струга до Радожда на западното крајбрежје, како и неколку станбени објекти во Стариот дел на Охрид што не се поврзани на Колекторот, рече Точков.
Загадувачи на езерото се и неколку цевки од системот на атмосферска канализација во Охрид, од кои во одредени моменти се излева вода, најмногу во Студенчишкиот канал.
– Моќта на самопрочистување на Охридското Езеро е исклучително висока, се работи за проточно езеро и олиготрофно, и нема големи индикации за загадување. Како и да е, сите потенцијални загадувачи влијаат врз квалитетот на водата и целиот еко-систем и доколку не се преземе нешто поконкретно во иднина ќе се јават проблеми со квалитетот на водата во езерото, рече тој.