Воената хунта на Габон, денес објави дека го ослободила соборениот претседател Али Бонго Ондимба и дека тој сега може да лета во странство на медицински прегледи.
„Али Бонго Ондимба (64 г.) е слободен да се движи со оглед на неговата здравствена состојба“, рекол портпаролот на преодниот комитет, полковник Улрих Манфумби и додал: „Ако сака, може да замине во странство на лекарски прегледи“.
Се уште не е познато во каква здравствена состојба е соборениот претседател на Габон, централноафриканска земја богата со нафта. Доживеа мозочен удар на крајот на 2018 година, поради што со месеци не можеше да ја извршува претседателската должност.
Локалната телевизија Gabon24 објави доцна синоќа средба меѓу Али Бонго Ондимба и Абду Бери, прв човек на Канцеларијата на Обединетите нации за Централна Африка, по што Абду Бери изјави дека претседателот е во добро здравје.
Али Бонго Ондимба беше соборен од Армијата на 30. август , додавајќи го Габон на листата на африкански земји кои неодамна доживеале државен удар односно пуч.
Воениот удар во Габон се случи набргу откако Али Бонго Ондимба беше прогласен за победник на спорните избори кои ќе го продолжат 55-годишното владеење на неговото семејство. Тој го наследи својот татко на власт во 2009 година.