Воената хунта во Нигер се откажа од протерување други западни дипломати

Пучистите и членовите на воената хунта во Нигер, плашејќи се од меѓународна изолација, се откажаа од протерување дипломати од другите западни амбасади, освен францускиот амбасадор, кому му беше наредено да ја напушти земјата до понеделник, јави денеска  француското радио РФИ.

Министерството за надворешни работи на Нигер не ги испрати веќе напишаните писма до амбасадите на Германија, САД, Брегот на Слоновата Коска и Нигерија, поради несогласувања во врвот на хунтата. Агенциите дознаваат дека откако ја признаа потребата „да се дистанцираат од Франција, некои членови на хунтата се повикани да не се прекинуваат односи со другите западни земји, бидејќи тие имаат интереси во Нигер, а на Нигер токму тие му се потребни“.

Националниот совет на Нигер за заштита на татковината, предводен од генералот Абдурахман Чиани, пред два дена побара од францускиот амбасадор во Нигер, Силвен Ите, да ја напушти земјата во рок од 48 часа, а како што пренесе телевизискиот канал „Ал Хадат“, францускиот дипломат не се појави во Министерството за надворешни работи кое го контролираат пучистите кога тој беше повикан и одби да се сретне со нив.

Француското Министерство за надворешни работи нагласи дека пучистите немаат право да го протераат францускиот амбасадор, бидејќи акредитивните писма на амбасадорот му ги издаваат легитимните власти на Нигер.