Воена парада во Атина за годишнината од востанието за независноста на Грција

 Во присуство на грчкиот државен врв, со традиционалната воена парада во Атина, Грција денеска ја одбележува годишнината од востанието за независноста на земјата во 1821 година.

Во парадата на вооружените и безбедносните сили на Грција пред грчкиот Парламент и споменикот на Непознатиот војник, учествуваа оклопни возила, пешадија, претседателската гарда итн, а прелетуваа и авиони на военото воздухопловство.

Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу по парадата рече дека нивна должност е да бидат достојни за жртвите на нивните херојски предци, додека пак премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис истакна дека денешниот празник е „во сенка на голема трагедија“, односно на железничката несреќа со 57 загинати.

За грчкиот национален празник, писмо со честитка до министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас испратил шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу во кое, според грчките медиуми, изразил увереност дека добрососедските односи кои моментално постојат меѓу Грција и Турција ќе се консолидираат во иднина.

Паралелно, како што пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА, Чавушоглу изразил и решителност за дополнително да придонесе за актуелната позитивна динамика меѓу двете земји.