– Бригадите Ал-Касам, военото крило на палестинската група на отпорот Хамас, денес соопштија дека четворица нејзини лидери се убиени во израелската војна во Газа од 7 октомври, од кои едниот е Ахмед Ал Гандур, член на Воениот совет и командант на Северната бригада.
„Бригадите Ал-Касам тагуваат за група свои лидери-херои, командантот Ахмед Ал-Гандур, познат како Абу Анас, член на Воениот совет, командант на Северната бригада и лидерите: Ваел Раџаб, Рафат Салман и Ајман Сиам“, соопшти военото крило.
Бригадите Ал-Касам не дадоа никакви информации за датумите на нивната смрт.
Бригадите ја нагласија и својата „посветеност на патот на слободата“.
Израелската војска претходно во одвоени соопштенија објави дека ги убила лидерите на Хамас во воздушните напади врз Газа. Сепак, повеќето израелски напади резултираа со големи цивилни жртви, како и со масовно уништување на инфраструктурата.
Со посредство на Катар, во петокот стапи на сила четиридневна хуманитарна пауза, со што привремено беа запрени нападите на Израел врз Појасот Газа, а почната е и размена на заробеници.
Во првите два дена од хуманитарната пауза, Израел и Хамас разменија 41 Израелец и други странски државјани за 78 Палестинци од израелските затвори.
Според договорот, заложниците и затворениците ќе бидат ослободувани во групи во текот на четирите дена.
Израел започна голема воена кампања во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во израелските напади загинаа најмалку 14.854 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата. Бројот на загинати во Израел, според официјални информации, изнесува 1.200.