Украина минатата недела одби да прими 10 стари тенкови Leopard 1А5 од Германија поради лоша техничка состојба, пишува весникот Spiegel, повикувајќи се на сигурни извори.
Како што пишува весникот, Украина го известила специјалниот штаб во Министерството за одбрана на Германија дека на германските вооружени системи кои пристигнале во Полска им е потребна поправка.
„Бидејќи нема ниту обучен технички персонал, ниту доволно резервни делови, нема смисла тенковите да се префрлат во Украина“, се наведува во написот.
Се посочува и дека споменатото известување на властите од Киев предизвикало вознемиреност во Берлин. Министерството за одбрана на Германија веднаш испрати технички експерти во Жешов во Полска за проверка и сервисирање на тенковите.
Таму е утврдено дека на тенковите Leopard навистина им е потребен ремонт, пишува Spiegel.
Потсетуваме, Германија му вети на Киев над 100 тенкови Leopard 1А5, кои беа извадени од употреба пред околу 10 години. Првите десет тенкови беа испратени во Украина во јули.