Волстрит паѓа четврти ден по ред

На Волстрит, берзанските индекси во четвртокот паднаа четврти ден по ред, најмногу поради обновениот притисок врз неколку регионални банки.

Dow Jones загуби 0,86 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,72 отсто, на 4.061 поен, а индексот Nasdaq загуби 0,49 отсто, на 11.966 поени.

Најмногу вчера падна цената на акцијата на PacWest Bancorp, повеќе од 50 отсто, по веста дека менаџментот размислува за стратешки опции, вклучително и продажба, со оглед на нејзината влошена финансиска состојба.

Нагло падна и цената на акцијата на Western Alliance Bancorp, речиси 40 отсто, иако банката ја демантираше веста дека бара потенцијален купувач.

Ова го потресе целиот сектор, кој е под притисок од март кога пропаднаа две регионални банки, па индексот KBW на регионалните банки вчера падна за 3,5 отсто.

„Регионалните банки и заострувањето на условите за кредитирање вршат притисок врз пазарот. Инвеститорите се обидуваат да откријат до каде сме во однос на кредитниот циклус и стандардите за кредитирање и кога може да дојде до рецесија“, вели Же Шен, директор на TIFF Investment Management.

Освен од регионалните банки, инвеститорите се внимателни затоа што во средата американската централна банка повторно ги зголеми клучните каматни стапки, 10-та сесија по ред, за дополнителни 0,25 процентни поени, на опсег од 5 до 5,25 отсто.

До неодамна инвеститорите се надеваа дека ова ќе биде последното зголемување на цената на парите во овој циклус и дека ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки на крајот на годината.

Сепак, претседателот на ФЕД Џером Пауел изјави дека е можно дополнително зголемување на каматните стапки, доколку е потребно, дека инфлацијата нема да падне толку брзо и дека централната банка нема да почне да ги намалува каматните стапки толку брзо.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи, откако Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени.

Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,10 отсто, на 7.702 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,51 отсто, на 15.734 поени, а париски CAC 0,85 отсто, на 7.340 поени.