„Волстрит џурнал“ објави писмо за роденден што Трамп му го испратил на педофилот Епштајн

Цртеж со гола кожа и белешка со името на Доналд Трамп се откриени во збирка писма од роденденот на Џефри Епштајн во 2003 година. Американскиот претседател негира каква било поврзаност и предупредува на тужби против медиумите.

Писмо со името на претседателот Трамп и цртеж на гола жена е откриено во колекција писма донирани за 50-тиот роденден на Џефри Епштајн, според извештај објавен во четврток од „Волстрит џурнал“.

На цртежот, потписот „Доналд“ се појавува во незгодна положба на телото на женската фигура и содржи машинописен текст што завршува со реченицата „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“.

Американскиот претседател категорично негираше каква било поврзаност со ова писмо, наведувајќи во интервју за „Волстрит џурнал“: „Никогаш во животот не сум цртал слика. Не цртам жени. Тоа не е мојот јазик. Тоа не се мои зборови“.

Тој го опиша писмото како фалсификат и се закани дека ќе ги тужи весникот и неговиот сопственик, Руперт Мардок, објави Си-Ен-Ен .

Подоцна во четвртокот, Трамп објави порака на мрежата Truth Social, објавувајќи дека ѝ наложил на обвинителката Пам Бонди да објави какво било релевантно сведочење на големата порота, под услов да биде одобрено од судот. Бонди веднаш одговори на платформата X, велејќи дека е подготвена да го стори тоа во петок, иако судските постапки би можеле да потраат подолго.

Трамп, исто така, го обвини „Волстрит џурнал“ за ширење „лажни вести“ и потврди дека ќе ги тужи весникот, „Њузкорп“ и самиот Руперт Мардок. „Претседателот Трамп наскоро ќе ги тужи „Волстрит џурнал“, „Њузкорп“ и Мардок“, се вели во официјалниот твит.

Извештајот предизвика силни реакции на социјалните медиуми. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, ја нарече приказната „целосна бесмислица“, додека други истакнати личности од конзервативниот табор застанаа во одбрана на Трамп. Активистката Лора Лумер напиша дека „писмото е целосно лажно“ и дека Трамп „не пишува на машина за пишување, туку со црн маркер“. Додека Чарли Кирк нагласи дека јазикот што се користи во писмото „воопшто не се совпаѓа со начинот на кој зборува Трамп“.

Писмото било дел од албум подготвен од Гислен Максвел, блиска соработничка на Епштајн, осудена за трговија со деца за сексуална злоупотреба. Албумот, кој содржел писма од Трамп и други личности, подоцна бил вклучен во истрагата на Министерството за правда.

Трамп беше фотографиран со Епштајн во неколку наврати во 1990-тите и 2000-тите, а неговото име се појави во дневниците на летот на приватниот авион на покојниот педофил. Сепак, Трамп тврди дека врската со Епштајн завршила долго пред вториот да биде првпат осуден во 2008 година.

Во меѓувреме, Министерството за правда минатата недела изјави дека Епштајн извршил самоубиство и дека нема „список на клиенти“, затворајќи ја истрагата и одбивајќи да објави повеќе документи. Ова ги налути многу поддржувачи на Трамп кои очекуваа целосна транспарентност од сегашната администрација.

Како одговор, Трамп отворено ја нападна сопствената политичка база, нарекувајќи го фокусот на случајот Епштајн „нова измама“ и етикетирајќи ги оние кои бараат понатамошна истрага како „глупави и неодговорни републиканци “ .