Поради невремето „Еовин“, училиштата и универзитетите денеска се затворени во Ирска и Шкотска, а откажани се и голем број летови од аеродромите во Глазгов, Единбург и Даблин, како и поаѓањето на траектите во Ирското Море.
Аеродромот во Даблин објави дека авиокомпаниите откажале повеќе од 110 планирани полетувања и 110 пристигнувања за денеска, заклучно со 3:30 часот, објави „Скај њуз“.
„Во вториот дел од денот можни се натамошни откажувања и доцнења на летови“, се наведува во соопштението.
Аеродромите во Глазгов и Единбург соопштија дека десетици полетувања и пристигнувања биле откажани во текот на денот.
Неколку железнички оператори издадоа предупредувања „не патувај“, при што Шкотска железница денеска ги прекина сите услуги низ Шкотска, велејќи дека „нема да биде безбедно да се оперираат патничките услуги поради прогнозираните временски услови“.
Предупредувањата за избегнување на патувања се однесуваат на патните рути низ северен Велс, Шкотска и северна Англија.
Во Ирска е забележана најсилната просечна брзина на ветерот досега, со речиси 135 километри на час, која е измерена во Мејс Хед во 4.00 часот утринава.
Со оглед на предупредувањата за потенцијалните опасности од невремето „Еовин“, денеска ќе бидат затворени сите училишта во Северна Ирска, како што најави вчера министерот за образование Пол Гиван, а своите продавници ги затворија и синџирите на супермаркети Лидл и Теско.
Затворени ќе бидат и судовите, каде што ќе се одвива деловното работење, како што е најавено, од далечина, како и здравствените установи, од каде е најавено дека сите термини треба да се сметаат за откажани, освен ако пациентите не се конкретно контактирани за да им се каже поинаку.
Ирските и британските метеоролошки агенции издадоа највисоко ниво на тревога за цела Ирска, Северна Ирска и делови од Шкотска и предупредија дека ветровите со јачина до 130 километри на час може да бидат опасни по живот.
Официјални лица рекоа дека тоа е првпат цела Ирска да биде ставена под црвен аларм по бурата „Офелија“ во 2017 година, во која загинаа три лица.