Воспалението може да предизвика сериозни срцеви проблеми кај жени без други фактори на ризик

Воспалението може да помогне во објаснувањето зошто срцевите и мозочните удари се јавуваат кај жени кои немаат ниту еден од вообичаените фактори на ризик, објави Ројтерс во петокот, повикувајќи се на наодите презентирани во Мадрид на состанокот на Европското здружение за кардиологија.

Жените кои претрпеле срцев удар или мозочен удар често немаат ниту еден од оние што се сметаат за главни фактори на ризик за големи кардиоваскуларни настани, како што се висок крвен притисок, висок холестерол, дијабетес или пушење, велат истражувачите.

Тие следеле 12.530 првично здрави жени без никакви традиционални фактори на ризик три децении, според студија објавена во Европскиот журнал за срце.

Жените кои ја започнале студијата со покачени нивоа на воспалителен маркер наречен Ц-реактивен протеин, или ЦРП, мерено со тест со висока чувствителност, имале 77 проценти зголемен ризик од коронарна срцева болест во текот на животот, 39 проценти зголемен ризик од мозочен удар во текот на животот и 52 проценти зголемен ризик од било каков голем кардиоваскуларен настан во текот на животот во споредба со жените со понизок ЦРП.

Високите нивоа на тестот со висока чувствителност се дефинираат како поголеми од 3 милиграми на литар крв.

Опсервациска студија како оваа не може да докаже дека воспалението предизвикало кардиоваскуларни настани. Сепак, добро е познато дека со текот на времето, дури и ниските нивоа на воспаление можат да го поттикнат растот на наслаги во артериите, да ги олабават тие пластови и да предизвикаат згрутчување на крвта што е главна причина за срцеви и мозочни удари.

„Нашите податоци јасно покажуваат дека навидум здравите жени кои имаат воспаление се изложени на значителен ризик во текот на животот“, рече раководителот на студијата, д-р Пол Ридкер, од Институтот за срце и крвни садови при Општата болница Бригам во Масачусец.

Треба да ги идентификуваме овие жени во нивните 40-ти години, кога можат да започнат со превентивна нега, наместо да чекаме до нивните 70-ти години кога често е предоцна да се направи вистинска разлика, рече тој.

Гледајќи ги податоците од претходните рандомизирани испитувања, неговиот тим, исто така, откри дека статините-лековите за намалување на холестеролот можат да го намалат ризикот од срцев удар и мозочен удар за повеќе од една третина кај жени со воспаление, а кои немаат вообичаени кардиоваскуларни фактори на ризик.

Додека луѓето со воспаление треба агресивно да започнат со превентивни мерки со промени во животниот стил и однесувањето, терапијата со статини, исто така, би можела да игра важна улога во намалувањето на ризикот кај овие луѓе, рече тој.