Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ги повика израелските власти „попрецизно да ги дефинираат“ крајните цели на војната со Хамас, бидејќи наведената цел за целосно елиминирање на палестинската милитантна група може да доведе до повеќегодишен конфликт.
Реакцијата на Емануел Макрон дојде откако премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во саботата вети дека ќе ја продолжи копнената офанзива во Појасот Газа до целосно уништување на Хамас.
Говорејќи на прес-конференција на маргините на климатската конференција на Обединетите нации – COP 28 во Дубаи, Емануел Макрон праша дали „некој мисли дека е можно“ да се уништи Хамас.
„Ако тоа е целта, војната ќе трае 10 години“, тврди тој.
„Не може да има долгорочна безбедност за Израел во регионот, ако таа безбедност дојде по цена на животите на Палестинците, што влијае на јавното мислење во регионот“, заклучува тој.