До Хамас е испратен предлог за размена на израелските заложници држени во Газа со палестински затвореници.
Ова уследи по неколкудневните мултинационални разговори во Париз во кои учествуваа претставници од Израел, САД, Египет и Катар, кои се обидоа да ги наведат основните контури на договорот за привремен прекин на огнот, јавуваат странските медиуми.
Предлогот вели дека сите израелски жени, деца под 19 години, постари и болни заложници треба да бидат ослободени во замена за голем број палестински затвореници, изјави висок извор за новинската агенција Ројтерс.
Предлогот вклучува обврска да се дозволи 500 камиони со помош во Газа секој ден и да се обезбедат илјадници шатори и каравани.
Тоа уследи по коментарите на американскиот претседател Џо Бајден, кој во понеделникот рече дека се надева оти прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас може да биде обезбеден „до крајот на викендот“.
Бајден ги даде овие коментари на прашањето на новинарите кога мисли дека може да започне прекин на огнот во Газа.
Тој рече дека „мојот советник за национална безбедност (Џејк Саливан) ми вели дека сме блиску, блиску сме, сè уште не сме готови“.
„Доаѓа Рамазан и има договор од Израелците дека нема да се занимаваат со активности за време на Рамазан за да ни дадат време да ги извадиме сите заложници.
Инаку, домаќин на разговорите во француската престолнина е Катар, каде посредниците се сретнаа со делегации од двете страни одделно.
Целта беше да се обезбеди шестнеделна пауза во борбите.
Израел и Хамас се во војна во Газа откако вооружени лица од палестинската милитантна група која раководи со енклавата го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 253 заложници.
Израел одговори со воена кампања во која е потврдено дека загинале речиси 30.000 Палестинци, според медицинските власти во Газа.