Денес 45 земји се во услови на т.н воден стрес.
Јужна Европа се подготвува за екстремно суво лето. Некои региони веќе страдаат од недостиг на вода, а земјоделците ги очекуваат своите најлоши приноси во последните децении. Додека климатските промени го прават регионот потопол, годините на последователни суши ги исцрпуваат резервите на подземните води. Земјиштето пресуши во Шпанија и јужна Франција, додека ниското ниво на реки и акумулации го загрозува производството на хидроенергија ова лето.
Со зголемувањето на температурите кон летните просеци, научниците предупредуваат дека Европа оди кон уште едно брутално лето. Минатото лето беше најжешкото досега, предизвикувајќи суша за која истражувачите од Европската унија велат дека е најлоша во последните 500 години. Погодени се бројни земји, а најлоша состојба е забележана во Португалија, Германија, Франција, Шпанија и Италија. Покрај европските земји, сушата не ги заобиколи и земјите од другите континенти, а особено беа погодени Америка, Бразил и Чиле, а според најавите на научниците, летово не очекува уште полошо сценарио?
– Состојбата со сушата ќе се влоши ова лето – изјави Хорхе Олчина, професор по географска анализа на Универзитетот во Аликанте во Шпанија. Во овој момент, има мали шанси дождот да ја реши основната суша.
– Во овој период од годината единствено што можеме да имаме се локални бури, кои нема да го решат дефицитот на врнежите – изјави Олчина за Ројтерс.
Барајќи итна помош од Европската унија, шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас предупредува дека „оваа суша е од такви размери што нејзините последици не можат да се решат само со национални средства“.
Сушите им се закануваат и на другите делови од светот
Јужна Европа не е единствената што страда од сериозен недостиг на вода оваа година. Рогот на Африка минува низ најлошата суша во последните децении, додека историската суша во Аргентина ги уништи посевите на соја и пченка.
Почестите и тешки суши во медитеранскиот регион – каде просечната температура сега е за 1,5 степени Целзиусови повисока од пред 150 години – се во согласност со предвидувањата на научниците дека климатските промени ќе влијаат на регионот.
„Во однос на климатските промени, тоа многу добро се вклопува со она што го очекуваме“, рече Хејли Фаулер, професор по влијанија на климатските промени на Универзитетот во Њукасл.
И покрај овие долгорочни прогнози, подготовките заостануваат. Многу земјоделски региони допрва треба да усвојат методи за заштеда на вода, како што е прецизното наводнување или да се префрлат на култури потолерантни на суша, како што е сончогледот.
– Владите доцнат. Компаниите доцнат – изјави Роберт Вотар, климатолог и директор на Францускиот институт Пјер-Симон Лаплас. Некои компании не ни размислуваат за промена на моделот на потрошувачка, туку само се обидуваат да најдат некоја чудесна технологија која ќе донесе вода.
Недостиг на вода
Според податоците на Светската организација за природа (WWF), во текот на минатата година околу 2,7 милијарди луѓе на сите континенти се соочиле со недостиг на вода од најмалку еден месец. Ситуацијата беше особено критична во градовите и урбаните средини каде населението расте најбрзо.
Според Светска здравствена организација, минималната количина на вода по жител е 1000 м3 годишно, а дури 45 земји се во услови на т.н. воден стрес. Тие имаат на располагање помалку од 1000 м3 годишно по жител – 88% од жителите на Мали, 94% од жителите на Етиопија немаат чиста вода. Селското население е далеку поранливо од урбаното население кое во поголем процент се снабдува со организирани системи за водоснабдување или пак им е подостапна флашираната вода. Снабдувањето со флаширана вода е 10 пати поскапо, што го отежнува снабдувањето со безбедна вода особено во иднина и во неразвиените земји.
Војни за вода
Екстремните временски услови кои произлегуваат од климатските промени, како што се циклоните, поплавите и продолжената суша, може дополнително да ја влошат состојбата и околностите во кои живее најпогодениот дел од населението на нашата планета. Ова може да влијае на здравјето на луѓето, општите животни услови и висината на егзистенцијата во најсиромашните земји во светот. Како што расте загриженоста за тоа како да се обезбеди населението со доволно количество вода за пиење, се разговара и за тоа дали во иднина ќе има конфликти кои ќе резултираат со војни околу контролата на водните капацитети.
Во последните две и пол децении, политичарите, научниците и новинарите често изразуваа загриженост дека споровите и недостигот на вода ќе бидат причина за идните војни. Често се цитира познатата реченица на поранешниот египетски министер за надворешни работи и поранешен генерален секретар на Обединетите нации Бутрос Гали, кој рече: „Следната војна на Блискиот Исток ќе се води за вода, а не за политика“. Неговиот наследник во Обединетите нации, Кофи Анан, во 2001 година рече: „Острата конкуренција за свежа вода може да стане извор на конфликти и војна во иднина“, додека поранешниот потпретседател на Светска банка Исмаил Серагелдин, исто така, изрази загриженост, велејќи: „Војните на следниот век ќе бидат околу водата освен ако нема значителни промени во управувањето“. Покрај нив, за ова прашање зборуваше и познатиот Лестер Браун. Тој на конференцијата за водата во Стокхолм истакна: „Сега е поверојатно дека идните војни на Блискиот Исток ќе се водат повеќе поради вода отколку за нафта“.
И се чини дека сценариото за кое предупредуваа научниците во последните години се остварува.
Две лица загинаа, а неколку луѓе се ранети по престрелка меѓу иранската гранична полиција и талибанските борци во близина на граничниот премин меѓу Иран и Авганистан, соопшти портпаролот на талибанците. Сè уште не е целосно јасно што го предизвикало инцидентот, но тој се случил во услови на тензии меѓу двете земји околу правото на пристап до вода, објави Ројтерс.
Иран ги обвини авганистанските талибанци дека го прекршиле договорот од 1973 година со прекинување на протокот на вода од реката Хелманд кон делови од источен Иран, што талибанците го негираа.
– Денеска во провинцијата Нимроз иранските гранични сили пукаа кон Авганистан, на што ние одговоривме. За време на конфликтот, едно лице загина од двете страни, а има многу повредени – изјави талибанскиот министер за полиција Абдул Нафи.
И ова не е прв конфликт за недостиг на вода.
Еден од првите такви конфликти се случи во април 2021 година меѓу Таџикистан и Киргистан, кога околу 40 лица загинаа, а околу 400 беа ранети. Конфликтот траеше три дена, а започна со одлуката на таџикистанските власти да постават камери за следење на резервоарите за вода во градот Кок-Таш на територијата на Киргистан. Одлуката предизвика голем револт кај мештаните, кои фрлаа со камења по камерите, што потоа прерасна во конфликт во кој беа вклучени армиите на двете земји.
На Блискиот Исток и Северна Африка, во минатото имало неколку конкретни примери на можни конфликти околу изворите на вода.
Друг камен на сопнување во сегашниот конфликт меѓу Израел и Палестина е управувањето со изворите на вода за пиење. Договорот од Осло и дозволи на Палестина да користи вода, но само од територијата на Западниот Брег, додека Израел сепак би имал најголем процент на контрола врз овие ресурси.
Од друга страна, проблем имаат и Египет и Етиопија. Имено, Етиопија го контролира горниот тек на Нил, кои обезбедуваат 86% од водата за оваа река. Нил потоа минува низ Судан и Египет каде што се влева во Средоземното Море. Етиопија како и Судан имаат планови за изградба на голем број брани и пренасочување на водата во земјоделските области. Ова драстично би го намалило количеството на вода што стигнува до Египет, кој веќе е во состојба на недостиг на вода. Целото население на Египет практично живее на само 2,5 отсто од територијата – плодното земјиште кое се наоѓа околу Нил. Египет сега има неколку опции: да влезе во војна со Судан и Етиопија, да го намали огромниот пораст на населението, да ги подобри системите за наводнување или да се соочи со економска и социјална катастрофа.
И додека Блискиот Исток се соочува со страшен недостиг на вода, ситуацијата не е добра ниту во остатокот од светот.
Се суши и се издава најголемото подземје во Америка
Огалала е најголемиот подземен резервоар во светот, оваа фосилна вода се полни многу бавно. Количината на вода што природно ја складирала била доволна за да се формира слој од вода длабок 50 cm над 50 држави на САД (со исклучок на Алјаска и Хаваи, кои се одвоени).
Благодарение на прекумерното пумпање, има се помалку вода.
Се проценува дека подземните површини во САД се трошат 4 пати побрзо од нивното природно полнење.
Доколку се потроши реката Огалала, областа што ја наводнуваше ќе остане со солена пустина, економска пропаст, здравствени проблеми и неразбирливи еколошки нарушувања, предупредуваат експертите.
Умирањето на Аралското Море
На почетокот на 60-тите години на минатиот век започна голем проект за пренасочување на водата од реките кои го исполнуваа Аралското Море. Водата била однесена во внатрешноста на земјата за да се наводнуваат насадите со овошје, памук и ориз во овој сушен регион. Изградени се над 1.300 км мелиорациски канали. Резултатот од толку големото повлекување на водата од потоците е пресушувањето на езерото. Површината на водата е намалена за над 60%, волуменот за над 75%, додека соленоста е зголемена за три пати. Благодарение на тоа, денес преку 30.000 км2 од поранешното дно е претворено во солена пустина поради човечка активност.
Отстранувањето на водата од реките Сир Дарја и Аму Дарја заедно со испарувањето на водата од самото езеро предизвика еколошка, економска и здравствена регионална катастрофа. Еден руски функционер ја нарече „катастрофа 10 пати полоша од Чернобил“.
Денеска дува солен прав од исушеното езерско корито на растојание од дури 300 километри. Како што се шири солта, таа ги уништува посевите, пасиштата, шумите и другите живи суштества. Зголемувањето на соленоста ја прави почвата уште помалку плодна. Овој феномен воведе нов термин во заштитата на животната средина: солен дожд.
За да се зачуваат приносите на ова суво земјиште, земјоделците ја зголемуваат употребата на хербициди, инсектициди и ѓубрива (првенствено вештачки). Добар дел од овие хемикалии се влеваат низ земјата во подземните води, загадувајќи го главниот извор на вода за пиење. Ниското ниво на дотек на вода, како и зголемувањето на концентрацијата на загадувачки материи од земјоделството, ги направи површинските води нездрави за пиење.
Поради постојано намалување (сушење) поради прекумерна потрошувачка на вода, Аралското Море се „расцепи“ на неколку речиси посебни водни единици. Но и тоа не е крајот. Исчезнувањето на езерото продолжува. Најновите сателитски снимки покажуваат дека останале само неколку посебни мали езера од она што некогаш било четврто по големина (слатководно) езеро во светот. Практично, езерото денес зафаќа само 20% од неговата поранешна површина. А тој тренд на исчезнување станува се поизразен.