Војници од Кина заробени во Украина тврдат дека биле измамени од Русија! Ова е месечната плата што наводно им била ветена: „Биди маж“ (ФОТО)

Двајца кинески државјани заробени додека се бореле на руска страна во источна Украина на прес-конференција во Киев изјавија дека „паднале во стапица“ што ја поставила Москва.

Двајцата мажи, чиј идентитет не е објавен, рекоа дека кинеската влада не знаела дека биле регрутирани од руската војска. Тие изјавија дека договорите ги потпишале преку посредници, пренесе државната агенција Интерфакс-Украина.

„Ништо од она што ни го кажаа Русите не беше вистина“

Еден од заробениците рече дека ја изгубил работата за време на пандемијата Ковид-19 и се надева дека ќе најде работа како воен лекар, додавајќи дека воената служба се смета за почесна во кинеското општество. 

„Кинеските власти ги предупредија граѓаните да не патуваат во воената зона. Сакав да бидам болничар. Бев ранет и се предадов“, рече тој.

Тој додаде дека кинеските власти промовираат пријателски однос кон Русија, а, според него, информациите за таа земја се искривуваат и се користат за привлекување кинески граѓани во војната.

„Не вреди. Ништо од она што ни го кажаа Русите не беше вистина”, рече тој, додавајќи: „Би го нарекол стапица“.

Реклами во Кина: „Биди маж“

Според извештајот на Радио Слободна Европа, Кинезите биле намамени во руската воена машина преку реклами на социјалните мрежи кои ветувале високи плати и авантури за време на војната. 

Една таква реклама на Веибо, една од најголемите платформи во Кина, е прегледана стотици илјади пати. На него се прикажани мажи кои ги напуштаат своите работни места за да се борат за Русија и завршува со репликата: „Ти си маж. Биди маж“.

Видеото, кое е на руски со кинески преводи, нуди бонус за пријавување до 21.000 долари и месечна плата од околу 2.400 долари, што е многу над просечниот приход во многу делови на Кина.

„Не знаев речиси ништо за Украина“

Друг затвореник, кој тврди дека потекнува од релативно богато семејство, рече дека пристигнал во Русија како турист. 

„Никогаш не очекував да одам во војна. Не знаев речиси ништо за Украина“, рече тој.

И двајцата изјавија дека биле заробени на 8 април, веднаш по пристигнувањето на бојното поле и дека не учествувале во борбите ниту убиле украински војници.

Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку 155 кинески државјани се борат во редовите на руската армија против Украина и дека властите во Пекинг знаат за „системска кампања“ на регрутирање предводена од Москва.

На тие обвинувања минатата недела реагираше портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, кој изјавите на Зеленски ги нарече „неодговорни“.

Заробените Кинези изјавија дека сакаат да се вратат во својата татковина и дека се подготвени да се соочат со казна, бидејќи кинескиот закон им забранува на нивните граѓани да учествуваат во вооружени конфликти од која било страна.

Кина никогаш јавно не ја осуди руската инвазија на Украина во 2022 година, а во последните три години ја зајакна економската, воената и политичката соработка со Москва.