Војската на САД изврши напад во Сирија: Убиен еден од лидерите на џихадистите!

Американската војска уби еден од водачите на сирискиот огранок на Ал Каеда, Хурас ал-Дин, огранок кој најави дека се распушта, објави денеска командата на американската војска за Блискиот Исток (Centcom).

– На 30 јануари, силите на ЦЕНТКОМ извршија прецизен напад во северозападна Сирија, каде што го гаѓаа и го убија Мухамед Салах ал Забир, висок член на терористичката организација Хурас ал-Дин, поврзана со Ал Каеда – се вели во соопштението објавено на X платформа.

САД, чија војска е распоредена во Сирија како дел од меѓународната коалиција создадена во 2014 година за борба против џихадистите на Исламската држава, редовно извршува напади во земјата.

Малата џихадистичка група Хурас ал-Дин, сирискиот огранок на Ал Каеда, неодамна објави дека ќе биде расформирана, додавајќи дека одлуката ја донела по падот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Групата е на американската листа на терористички организации.

Бунтовничката коалиција предводена од радикалната исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам ја презеде власта во Дамаск откако го собори Асад на 8 декември. Новите сириски власти најавија дека сакаат распуштање на сите вооружени групи.

Хурас ал-Дин, кој вклучува странски џихадисти, се наоѓаше во планинските области на северозападна Сирија, кои беа упориште на бунтовниците пред да ја преземат власта во Дамаск.