Израелски тенкови и оклопни возила отсекоа клучен пат кој се протега од север кон југ на Појасот Газа!
Израелската армија се наоѓа во предградијата на градот Газа, соопштија палестински извори, а пренесе Би-би-си.
Тенковите влегоа на патот Салах ал-Дин и се верува дека се дел од напредувањето на армијата кон најгусто населената област во Појасот Газа.
Видео кое кружи на социјалните мрежи покажува како автомобил се врти за 180 степени откако се приближува до тенк, само за тенкот да отвори оган и да го уништи возилото.
– Тој беше уништен, целото семејство беше уништено – вика еден од очевидците на видеото додека го вози својот автомобил и им вика на другите возачи да се свртат.
Израелската армија одржа прес-конференција на која говореше главниот портпарол на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмирал Даниел Хагари.
– Нашите сили постепено напредуваат во Газа како дел од копнената операција. Имаше директен контакт со борците на Хамас. Елиминиравме десетици терористи. Нашите активности и операции ќе продолжат, ќе има ескалација. Станува збор за проширена копнена операција во Појасот Газа. Кон терористите се движат копнени сили, тенкови, пешадија и оклопни сили. Терористите се групирани во одредени области. Во појасот Газа се водат борби. Нашите сили се во состојба на готовност и долж северната граница – рече Хагари.
На социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа како израелски војници ставаат знамиња на згради длабоко во Појасот Газа. Израелската армија потврди дека погодила „повеќе од 600“ цели во Појасот Газа во последните 24 часа, пренесе агенцијата Франс прес.
Меѓу уништените цели имало „магацини за оружје, десетици позиции за лансирање противтенковски ракети, како и скривалишта што ги користи Хамас“.
Воздушни напади беа извршени и во близина на болниците, каде што избегаа илјадници цивили и каде се наоѓаат стотици пациенти.
Појасот Газа е непрестајно бомбардиран од израелската војска како одговор на нападот на 7 октомври во кој загинаа 1.400 израелски цивили и војници и зедоа повеќе од 230 заложници од страна на Хамас.
Територијата од 365 квадратни километри со 2,3 милиони жители е под „тотална опсада“ од 9 октомври, а водата, храната и струјата се блокирани за населението.
До понеделник во Појасот Газа влегоа вкупно 117 камиони со хуманитарна помош. ОН тврдат дека тоа е недоволно и стравуваат од дополнително влошување на и онака катастрофалната хуманитарна ситуација, како и граѓански немири.