Спасувачите на терен ги пронајдоа остатоците од авионот што денеска се урна во Хрватска. По 19 часот и 15 минути, делови од авионот се пронајдени во шумската област Мали Маковник на планината Капели во Лика-Сењската жупанија.
Засега нема официјална потврда колку луѓе имало во авионот и дали сите загинале, но Хина неофицијално од пожарникарите од потрагата дознава дека во авионот наводно имало тројца Холанѓани и дека регистрациите на авионот се исто така холандски .
Сè започна денеска во 12 часот и 30 минути кога хрватската контрола на летање забележала дека авионот што летал од Марибор за Пула исчезнал од радарот, а за неговото исчезнување веднаш бил известен Оперативниот центар за цивилна заштита на Дирекцијата за цивилна заштита.
Организиран е претрес во кој на терен биле вклучени 120 лица, а просторот на капелата бил пребаруван и со хеликоптер на Министерството за одбрана.