Република Северна Македонија и Република Србија денеска во Белград, за време на официјалната посета на премиерот Димитар Ковачевски и по средбата со премиерката Ана Брнабиќ потпишаа три меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
Ресорните министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Србија за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерската за рударство и енергетика на Србија Дубравка Ѓедовиќ го потпишаа Меморандумот за соработка во рударството и енергетиката. Со овој документ, како што информираат за МИА, од Министерството за економија, двете држави се обрзуваат да спроведуваат активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата во согласност со националното законодавство на нивните земји и принципите на меѓусебно почитување и уважување, особено користејќи ги придобивките од меѓусебните односи кои произлегуваат од меморандумот потпишан во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ и овој меморандум.
Соработката меѓу Северна Македонија и Србија во областа на рударството ги вклучува: поттикнување на инвестициите на двете земји во областа на геолошките истражувања и експлоатација на минерални суровини и геотермални ресурси, иницирање и поттикнување на меѓусебна соработка на институциите и деловните субјекти од областа на геологијата и рударството со посебен акцент на почистите технологии и одржливиот развој, размена на информации и искуства за законските решенија од областа на геологијата и рударството како и нивната примена, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, размена на експерти и професионални искуства од областа на геологијата и рударството.
Соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката ги вклучува поттикнување и поддршка на заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење на капацитети за користење на обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на страните, поттикнување на заедничко научно и технолошко истражување во областа на новите почисти технологии, особено оние кои се однесуваат на производството и употребата на зелен водород, размена на информации за нормите што ја регулираат областа на енергетиката, организација на заеднички семинари, конференции, тркалезни маси и форуми за обуки и развојни програми од областа на енергетиката, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, поттикнување, креирање и подобрување на деловните односи и директна соработка на развојот на конкретни проекти меѓу деловните субјекти кои ги именуваат страните од областа на енергетиката.
Меморандум за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Србија, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница го потпишаа министерот за внатрешни рбаоти Оливер Спасовски и српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ.
Целта на Меморандумот е заеднички да се разгледаат можностите и да се преземат мерки за подобрување на движењето на луѓе и стока преку државната граница меѓу Северна Македонија и Србија,особено преку граничниот премин Прешево – Табановце.
Со Меморандумот, двете страни ги разгледуваат можностите за проширување на пристапните патишта до граничниот премин, поставување или подобрување на сообраќајната сигнализација, воспоставување нови процедури за гранична контрола за забрзано преминување на патниците и проверка на лица и возила на граничниот премин.
Министерот за транспорт и врски Бочварски и Горан Весиќ, министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура потпишаа Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и го прифати усогласениот текст на Меморандумот.
Овој Меморандум е со цел да се поддржат напорите на Владата на Северна Македонија и Владата на Србија да се придонесе за исполнување на целите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги, капитал и отворени граници, како и продолжување на развојот, модернизацијата и интеграцијата на патната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.
По потпишување на меморандумите премиерот Ковачевски и српската премиерка Брнабиќ одржаа прес-конференција.