Повеќе од 300 лидери на синдикати на национално ниво, претставници на повеќе од 45 милиони работници, учествуваа на Конференцијата организирана од Европската конфедерација на синдикати во Белград.
Европската конфедерација на синдикати ( ETUC ) е главната синдикална организација што ги претставува работниците на европско ниво.
Во својата улога како европски социјален партнер, ETUC работи и во консултативна улога со
Европската комисија и преговара за договори и работни програми со европските работодавци . Ги координира националните и секторските политики на своите подружници за социјални и економски прашања, особено во рамките на институционалните процеси на ЕУ, вклучувајќи го европското економско управување и Европскиот семестар .
Во моментов, ETUC претставува речиси 45 милиони работници низ цела Европа, поврзани со 93 национални синдикални конфедерации од 41 европска земја и 10 Европски синдикални федерации (ETUF). Вклучува и Женски комитет и Младински комитет, кои ги претставуваат интересите на овие две групи во рамките на своето членство, соодветно.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и потпретседателот на ССМ за приватен сектор Иван Пешевски учествуваа во својство на делегати на Конференцијата, а заради актуелните случувања во Македонија на покана на европските синдикални централи EFFAT, EPSU и IndustryALL, на Конференцијата учествуваа и претседателите на АГРО синдикат, Игор Китаноски, на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски и на СИЕР, Игор Ѓерасов кои остварија значајни средби со претставници на европските синдикати.
Конференцијата ја отвори Волфганг Катциан, Претседател на ЕТУЦ, а свое обраќање имаа и Генералниот секретар на ЕТУЦ, Естер Линч, Министерката за труд и социјална економија на Шпанија, Јоланда Дијаз, Федералниот Министер за труд, социјални работи на Австрија, Корина Шуман и Џастин Мадерс, Министер за вработување и права од Обединетото Кралство.
На Конференцијата беше усвоена и упатена јасна и гласна порака до Владите и Европската комисија: СТОП ЗА МЕШАЊЕ ВО СИНДИКАТИТЕ !
Синдикалците побараа од Европската комисија и владите да ги почитуваат европските вредности во служба на социјалниот напредок, а упатија порака дека трошењето на јавните пари мора да промовира колективно договарање и социјален дијалог.
Во Белград, синдикалците усвоија Декларација во која ги повикаа институциите на национално и европско ниво да обезбедат квалитетни работни места и зголемување на платите во секој сектор и во секој регион.
-Потребни се нови правила за трошењето на јавните пари, кои ќе бидат насочени кон компании кои ги почитуваат работничките права, имаат социјален дијалог и склучени колективни договори, воведување мерки за заштита на вработувањето и социјална заштита на работниците, а преку законодавството да се обезбеди улогата на синдикатот во управување со промените, како и да се стави крај на нападите врз синдикатите и да се промовира колективно договарање за да се обезбедат подобри плати и услови за работниците.