Во Бања Лука вчера е уапсен Александар Бугарски (28 г.) од Белград, кој важи за многу опасно лице поврзано со криминални групи во Србија.
Според Blic.rs, со Александар Бугарски е уапсена и девојката со иницијали С.Ќ., но засега не е поврзана со никакви кривични дела. Александар Бугарски полицијата од Србија го бара за тешки кривични дела.
Инаку, Александар Бугарски се поврзуваше со криминалната група на Вељко Беливук, попознат како Веља Невоља.
Изворот на Blic.rs објаснува дека инспекторите на полициската управа Бања Лука откриле дека во стан под кирија на булеварот „Војвода Степа Степановиќ“ живее српски државјанин, кој користи лажен идентитет со име Димитрије Микариќ.
Утврдено е дека тој живеел во Бања Лука околу три месеци и се движел под тоа лажно име.
„Полицијата веднаш излегла на терен и го забележала тоа лице како седи во такси со девојка. Полицијата набрзо го запрела таксито за да ги идентификува патниците“, открил изворот за споменатиот српски медиум.
Откако полицијата го запрела возилото, Александар Бугарски излегол од таксито и почнал да бега. Набргу потоа пристигнала помош, а тој бил совладан и уапсен.
Полицајците кај него пронашле лична карта на име Димитрије Микариќ, но по проверките било утврдено дека е лажна.
„Исто така, констатирано е дека по него е распишана потерница од Министерството за внатрешни работи на Србија. При апсењето кај него биле пронајдени околу 12 грама марихуана“, објаснил изворот.
Blic.rs пишува дека полицијата во Бања Лука стапила во контакт со нивните колеги од Србија и добиле информација дека е поврзан со групата на Вељко Беливук.
„Го доведуваат во врска со киднапирањето што го извршил со уште неколку лица. Таа личност која наводно била киднапирана никогаш не била пронајдена“, истакнал изворот на Blic.rs.