Гласањето за претседателските избори на избирачкото место 5003 во Македонската амбасада во Брисел започна утрово во 7 часот и се одвива во најдобар ред без никакви нерегуларности, изјави за МИА претседателот на Избирачкиот одбор на ова гласачко место, Леонард Марку.
За гласање на избирачко место во Амбасадата во Брисел се пријавени вкупно 93 македонски државјани кои живеат и работат во Белгија и Луксембург.
Според Марку, до 14 часот на гласање излегле 36 од запишаните избирачи, што претставува излезност од нешто над 38,7 проценти.
– Ова е солидна бројка. Со оглед на фактот што денеска е работен ден во Белгија, а имајќи предвид дека гласањето ќе трае до 19 часот, очекуваме таа бројка да се зголеми во попладневните часови, додаде Марку.
Согласно изборниот закон, гласачите пред пристапувањето на гласањето се проверуваат со УВ-лампа, по што се идентификуваат со документи за лична идентификација и гласаат, по што се обележуваат со УВ спреј.
Инаку, од почетокот на годинава барање за замена на пасошите со старото име на државата во Амбасадата во Брисел поднеле над 1.100 македонски државјани. Според извори во Амбасадата, малиот број на пријавени гласачи споредено со бројот на наши државјани во Белгија и Луксембург, се должи токму на фактот што изборите се одржуваат во работен ден, што за многу од нив претставува проблем да дојдат на гласање во Брисел, особено за оние што живеат во други градови.