Во британските води откриено мистериозно морско суштество: „Ова е неоткриен вид“ (ФОТО)

Нов вид на морска голтка е откриен во британските води, при што еден примерок е фатен од истражувачки брод во близина на југозападниот брег на Англија.

Новиот вид го доби името Pleurobranchaea britannica и припаѓа на група која живее во потоплите води, но може да мигрира на север поради климатските промени.

Видот беше откриен од Рос Балимор од Центарот за животна средина, храна и аквакултура (ЦЕФАС), кој истакна дека станува збор за претходно неоткриен вид иако има околу 100 различни видови на морски полжави во морињата околу Британија и Ирска.

Научниците велат дека ова откритие покажува дека сè уште има многу непознати во морињата.

– Прилично е возбудливо да се најде нов вид кој не е микроскопски. Тоа покажува дека има уште работа – изјави Петер Беру од ЦЕФАС.

Морските голтки се вид на морски мекотели без школки, познати по својата извонредна разновидност и убавина, наведува Би-Би-Си.

Тие можат да пораснат до околу 5 сантиметри во должина, а поради нивната чувствителност на ефектите од климатските промени и човековата активност, можат да им помогнат на научниците да ја одредат состојбата на морските екосистеми.

– Гледаме присуство на вид кој секогаш претходно бил евидентиран во потоплите води. Тоа би можело да значи дека овој вид може дополнително да го прошири своето присуство бидејќи условите стануваат поповолни или попогодни за него – истакнува Балимор.