– Во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес денеска беше промовиран романот „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска од Скопје, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, кој влезе во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година.
Промотор на романот беше Бети Бандиловска, која информира дека „Мастилна мапа“ раскажува за тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото.
-Приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање: дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови? Сè почнува со една обична тетоважа што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт, појасни Бандиловска.
Авторката Ралповска рече дека романот „Мастилна мапа“ припаѓа на жанрот трилер, а низ него вметнала и доза фантазија.
Таа потенцира дека многу сака да пишува и ја сака криминалистиката, па така во овој роман се испреплетуваат нејзината професија и хоби.
Четирите години што ги поминала на Факултетот за безбедност и донеле знаење што често го користи додека пишува, внесувајќи се во умот и играта на криминалецот, но и начините на неговото фаќање и изнесување пред лицето на правдата.
-„Мастилна мапа“ има цел да го заинтригира читателот, да ја разгори неговата љубопитност околу прашањето што се провлекува низ целата приказна: што се крие во универзумот, дали постои нешто друго надвор од орбитата на нашата планета? Од друга страна, романот носи порака за светлата и темната страна на животот, за изборите што нѐ градат во личности во кои прераснуваме, за борбата на доброто и злото и дека на крајот на денот секогаш постои трошка надеж, потенцира авторката Ралповска.