Владата на редовната седница во вторник ќе донесе одлука да се потпише договор за средствата што се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за субвенционирање на превозот на студентите со што мерката ќе продолжи непречено и од јануари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Средствата се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31-ви декември, откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука да се потпише договор за да може веднаш да бидат префрлени на ЈСП бидејќи сесијата започнува во јануари и студентите беспрекорно да го користат јавниот превоз во градот Скопје, изјави Мицкоски на новинарско прашање по присуството на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи.
Мицкоски претходно најави можност за реалоцирање средства со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студентите.