Во Германија минатата година двојно зголемени нападите врз бегалците

– Бројот на напади во Германија насочени кон барателите на азил и бегалските центри е речиси двојно зголемен во 2023 година, покажуваат бројките.

Германската полиција минатата година регистрирала 2.378 напади насочени кон бегалци, што е повеќе од 1.248 напади, колку што беа регистрирани во 2022 година, според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи.

Најмалку 219 лица беа повредени во тие напади, од кои повеќето беа извршени од десничарски екстремисти.

Властите одговорија и истражија најмалку 180 напади насочени кон засолништата за бегалци, што е највисока бројка од 2017 година. Во 2022 година беа регистрирани 70 напади врз објекти за сместување бегалци.

Последните бројки беа обелоденети од Министерството за внатрешни работи, како одговор на пратеничко прашање од партијата Левица, а беа објавени од дневниот весник „Ноје Оснабрукер Цајтунг“.

Германија е сведок на растечка ксенофобија и омраза против мигрантите во последниве години, поттикнати од пропагандата на неонацистичките групи и екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).

Германија прими повеќе од 1,2 милиони бегалци во 2022 година. Огромното мнозинство од нив беа Украинци кои ги напуштија своите домови поради војната.

Во екот на бегалската криза во 2015 година, Германија прими повеќе од 1 милион бегалци, од кои многумина беа Сиријци кои избегаа од граѓанската војна во земјата.