Во Грција се приведени уште две лица под обвинение за подметнување пожари

 – Додека стотици пожарникари се борат со огнената стихија во која досега животот го загубија 21 лице, денес во Грција се приведени уште двајца мажи под сомнение за намерно подметнување пожари.

Еден маж е приведен бидејќи постои сомневање дека намерно ја запалил сувата трева во областа Каристос на островот Евиа. Противпожарната служба соопшти дека мажот признал дека подметнал уште 4 пожари во таа област во јули и август.

Друго машко лице е приведено во подрачјето на Лариса, централна Грција, исто така под сомневање за намерно палење на сувата вегетација. И во двата случаи се известени судските органи.

Официјалните претставници изјавија дека подметнатите огнови се причина за неколку пожари во Грција во текот на изминатата недела, иако сѐ уште не е јасно што ги предизвика најголемите пожари во земјата, вклучувајќи ги пожарот во североисточниот регион на Еврос и Александрополис, каде се забележани речиси сите смртни сличаи предизвикани од пожарите, и оној на работ од Атина.

„Некои пиромани подметнуваат пожари, ги загрозуваат шумите, имотите и пред сѐ човечките животи. Она што се случува не е само неприфатливо, туку е одвратно и криминално“, изјави министерот за климатски промени и цивилна заштита, Василис Кикилиас.

Во пожарите што започнаа на 19. август во различни делови од Грција, животот го загубија 21 лице, а уништени се над 720.000 хектари земја.

Пожарите во потполност не се ставени под контрола, но во голема мерка загубија на интензитет.

Грција обично, од почетокот на мај до крајот на октомври воведува прописи за превенција од пожари, со цел да ги ограничи активностите, како што се палење на сувата вегетација и користење на скара на отворено.

Од почетокот на овогодинешната сезона на пожари, службениците на противпожарните служби приведоа 163 лица поради обвинение дека се причинители на пожар, изјави портпаролот на владата, Павлос Маринакис, вклучувајќи 118 лица поради небрежност и 24 поради намерно подметнување на пожари.