Во декември 2023 година повеќе сообраќајни прекршоци во споредба со истиот месец во 2022 

Возачите во тетовскиот регион биле повеќе пати санкционирани од сообраќајната полиција во декември 2023 година во споредба со истиот месец во 2022 година. 

Ова го покажуваат аналитичките податоци на СВР Тетово од каде евидентирале дека на поширокото тетовско подрачје, во 21 акциска контрола и други тековни активности вкупно откриле и законски санкционирале 1960 прекршоци или 30 повеќе во споредба со истиот период од 2022 година.

Во декемвриските контролни активности, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај биле исклучени 55 возила, од кои 42 поради истечена регистрација до и над 30 дена и 13 поради утврдена техничка неисправност. Во декември, исто така, од сообраќај биле исклучени и 224 возачи, од кои 130 управувале без возачка дозвола, 50 под дејство на алкохол, 30 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, 11 со важечка забрана за управување и 3 со несоодветна категорија“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во последниот месец од 2023 година времено биле одземени три возила за истечена регистрација повеќе од шест месеци и едно за бучавост, 71 возачка и 33 сообраќајни дозволи.

Минатиот месец (декември) вкупно биле изречени 542 мерки за несоодветна брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење, најчестиот прекршок и лани во поширокиот Полошки регион, 28 мерки за недавање првенство на минување, 26 за непрописно престигнување и друго“, вели Марјан Јосифоски.

Тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 197 погрешно, односно непрописно паркирани возила, најмногу во централното подрачје на Тетово, каде е и најголема вкупната сообраќајна динамика и фреквенција на возила и пешаци.

МакедонијаМВРпрекршоци