– Компанија со седиште во Канада има намера да гради четири одморалишта „MOON“ со изглед и во облик на Месечината, од кои првото е планирано за Дубаи. Топчестиот хотел висок 222 метри ќе ги содржи сите погодности што се очекуваат од луксузно одморалиште.
Проектот вреден пет милијарди долари ќе вклучува и искуство со „месечева колонија“ и „месечевата површина“, со цел делумно да се донесе вселенскиот туризам на Земјата. Според основачите на компанијата, Сандра Метјуз и Мајкл Хендерсон, кога ќе биде завршено, одморалиштето ќе може да пречека до 10 милиони посетители годишно. Се проценува дека изградбата на овој уникатен ресорт во Дубаи ќе трае две години.
– Од архитектонска, инженерска и дизајнерска гледна точка, „MOON“ може да се изгради, заклучи Хендерсон.
Хотелот ќе вклучува и ноќен клуб, центар за настани за до 5.000 гости, спа-центар, салон за џез-пијано и салон на повеќе нивоа заснован на вонземски вселенски брод. Големиот конгресен центар е наменет да привлече изложувачи од областа на технологијата и вселенната.
Луксузните простории од 185 квадратни метри доаѓаат со доживотно членство во „MOON“ и ексклузивни привилегии.