Стотици пчелари од дeбaрскиот регион поради климатските промени годинава се соочија со минимални приходи од пчелни семејства, додека на некои мечки им направија дополнителна штета.
„Неколку месеци во општина Дeбaр и поширокиот регион мечките уништија околу 200 кошници со пчели. По најавата од страна на пчеларите, посебна комисија врши надзор, по што пчеларите преземаат соодветни законски мерки, бидејќи мечката е заштитена со закон“, вели Арбен Муладаути, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според него, за среќа досега не е евидентиран случај на напад на мечка врз лице.
Пчеларите велат дека мечките главно ноќе ги „посетуваат“ кошниците, додека патем ги оштетуваат земјоделските посеви, особено во пограничните села Спас, Бомове, Коњаре, каде што нема постојани жители, додека оние што живеат во Дебар ги обработуваат земјоделските површини а имаат и пчели.
На присуство на мечки се жалат и жителите од другите села во регионот, а не ретко жителите од поширокиот регион на Фејсбук објавуваат видеа и фотографии од мечка на патот Дебар-Маврово, сегментот Дебар-Жировница.