Во египетското летувалиште Шарм-ел- Шеик почнаа преговорите меѓу Израел и Хамас

Делегации од Израел и Хамас започнаа индиректни разговори во Египет за кои владата на САД се надева дека ќе резултираат со крај на војната во Газа, но на маса се прашања што се спорни за двете страни, како што се целосно повлекување на Израел од енклавата и разоружување на палестинското движење, објави Ел Џезира.

Трамп: Ги молам да дејствуваат брзо

Египетската државна телевизија објави дека разговорите започнале во одморалиштето Шарм ел Шеик на Црвеното Море.

И Израел и Хамас ги поддржаа принципите наведени во мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп – прекин на непријателствата, ослободување на заложниците и пристап до хуманитарна помош за Газа. Планот е поддржан и од арапските и од западните земји.

Трамп повика на брзи преговори за конечен договор, а Вашингтон верува дека двете страни никогаш не биле поблиску до прекин на непријателствата. „Ми беше кажано дека првата фаза треба да биде завршена оваа недела и ги молам сите да дејствуваат брзо“, напиша републиканецот на социјалните медиуми.

Двете страни бараат разјаснување на клучните детали, вклучително и за прашања каде што претходните обиди за договор не успеаја.

Се бараат гаранции

Египетски извори велат дека Хамас бара гаранции дека Израел ќе се разоружа откако ќе ги ослободи преостанатите заложници. Екстремистичкото крило на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, од кое зависи неговиот опстанок, се спротивставува на какво било прекинување на непријателствата.

Трамп бара Израел да го запре бомбардирањето на Газа за време на разговорите. Жителите на палестинската енклава за Ројтерс изјавија дека Израел навистина ги намалил нападите, иако не ги запрел целосно.

Здравствените власти во Газа соопштија дека 19 лица се убиени во израелските воздушни напади во последните 24 часа, што е околу една третина од просечниот дневен број на жртви во последните три недели, за време на една од најголемите офанзиви од почетокот на војната.

Разговорите се одржуваат пред втората годишнина од крвавата кампања на Хамас во Израел на 7 октомври, во која загинаа 1.200 луѓе. Во израелските напади што следеа, беа убиени најмалку 67 илјади Палестинци, а палестинската енклава, дом на околу 2,2 милиони луѓе, беше речиси целосно уништена.