Полицијата во Еквадор запленила 122 пакети со кокаин, на кои имало лепенки со албанско знаме, јавуваат странските медиуми.
Дрогата вредна 7,3 милиони долари, била запленета во кантонот Ел Гуабо, провинција Ел Оро, со крајна дестинација Европа.
„Според еквадорската полиција уапсен е Џонатан М. (37 г.) кој ја превезувал дрогата со камион. Пакетите биле со лепенки со албанско знаме. Кога ја забележал полицијата, тој ја зголемил брзината на движење и додека се обидувал да побегне се удрил во објект за банани во секторот Санта Лусија и се дал во бегство меѓу насадите“, наведуваат албанските медиуми.
При претресот на возилото била пронајдена дрогата а кусо потоа бил уапсен Џонатан М., кој во себе имал 2.090 долари.
Полковникот Хуан Карлос Мафла, началник на полицијата на Ел Оро, изјавил дека запленетата дрога требало да биде испратена во Европа, а има вредност од 7.320.000 долари.