Премиерката на Италија, Џорџија Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама во понеделникот потпишаа меморандум за разбирање, според кој Албанија на своја територија ќе ги задржи мигрантите кои пристигнале во Италија преку Средоземното Море.
Џорџија Мелони објави дека Италија се согласила да плати за изградба на два центри во кои можат да се сместат 3.000 мигранти додека се обработуваат нивните барања за азил.
„Меморандумот има три главни цели“, порача Џорџија Мелони за време на прес-конференцијата во Рим и додаде: „Да се бори против шверцот на луѓе и илегалната миграција и да ги прими само оние кои имаат право на меѓународна заштита“.
Еден центар ќе биде лоциран во северо-западното албанско пристаниште Шенѓин, каде Италија ќе управува со процедурите за инспекција на слетување и идентификација. Вториот центар ќе биде поставен во Ѓадер, исто така во северозападна Албанија.
Договорот се однесува на мигрантите кои беа спасени во Средоземното Море од италијански официјални бродови и на оние кои беа спасени од невладини организации. Во Албанија нема да бидат испратени ниту малолетници, трудници и ранливи лица, објави италијанската медиумска агенција ANSA за деталите од меморандумот.
Додека Италија ќе ги води административните процедури, Албанија ќе го води надворешниот надзор на центрите. Џорџија Мелони тврди дека новите центри ќе можат да обработат 39.000 барања за мигранти годишно. Планот е мигрантските центри да почнат со работа до пролет следната година.
Овој договор го нагласува политичкиот интерес на Италија за Балканот. Во последниве месеци, високи италијански претставници, вклучително и Џорџија Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани, одржаа неколку состаноци со нивните колеги во Словенија, Хрватска и Албанија, а една од главните теми на средбите беше миграцијата.
„Албанија не само што потврдува дека е пријател на Италија, туку и пријател на Европската унија“, нагласи Џорџија Мелони во понеделникот во Рим и истакна: „Иако Албанија формално сè уште не е дел од ЕУ, таа се однесува како да е“.
Од друга страна, Еди Рама, зборувајќи на италијански јазик, се заблагодари на Италија за домаќинството на илјадници Албанци кои го преминаа Јадранот на почетокот на 1990-тите години по колапсот на комунизмот во земјата. Тој додаде дека позицијата на Италија за Медитеранот е „нејзино проклетство“.
„Кога влегувате во Италија, влегувате во ЕУ“, истакнува Еди Рама.
Опозициските политичари во Италија и Албанија го критикуваа договорот.
Рикардо Маги, лидер на италијанската либерална партија + Европа, вели дека планот е „застрашувачки“ и дека центрите ќе бидат како еден вид „италијански Гвантанамо“.
Во објава на социјалната мрежа Х (Твитер), Рикардо Маги напиша:
„Тоа е исто така нелегитимен договор: Италија не може да испрати луѓе спасени на море во земја надвор од ЕУ, како да се пакети или стоки“.
Белинд Келичи од Албанската демократска партија ја критикуваше „нетранспарентноста“ околу меморандумот.
Италија годинава забележала 145.000 мигранти кои пристигнале на нејзините брегови, главно од Северна Африка, што е за 87.000 повеќе од ова време минатата година. Најголем дел од мигрантите пристигнале од Гвинеја, Брегот на Слоновата Коска и Тунис.
Џорџија Мелони често ја обвинува ЕУ дека прави премалку за да и помогне на Италија да ги прераспредели мигрантите низ блокот. Многу мигранти го користат влезот во Италија за да го продолжат своето патување кон северните земји: Франција, Германија или Скандинавија.
Џорџија Мелони неодамна ги предупреди другите европски лидери дека масовната миграција на континентот е „сериозен“ безбедносен ризик откако илегален мигрант од Тунис уби двајца шведски фудбалски навивачи во Брисел. 12-те години на егзистенција на напаѓачот во Шенген зоната (ЕУ) беа знак за проблемите што ги имаат владите во следењето и депортирањето на криминалците кои лесно можат да се движат меѓу европските земји.
Договорот за Џорџија Мелони се смета за нејзина политичка пресвртница бидејќи нејзината екстремно десничарска Влада се соочи со критики за неисполнување на предизборните ветувања за запирање на илегалната миграција.
Администрацијата на Џорџија Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и одлучи да го зголеми бројот на притворни центри низ целата земја за задржување на мигрантите пред нивната можна репатријација.
Екстремно десничарската партија Браќа од Италија на Џорџија Мелони долго време бараше такви објекти да се отворат надвор од Европската унија, предлагајќи, на пример, Северна Африка, но ниту една земја од тој регион не прифати.