Во израелските напади на Газа животот го загубија 4.651 лице, меѓу кои 1.873 се деца, соопшти денес Министерството за здравство во опколената енклава, известува Анадолу.
Ашраф Кудра, портпаролот на Министерството за здравство на Газа, соопшти дека меѓу загинатите во израелските напади од 7. октомври досега, 1.023 се жени.
„Бројката на повредени се зголеми на 14.245“, додаде Кудра.
Газа доживува тешка хуманитарна криза. Овој регион е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Борбите започнаа на 7. октомври, кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската војска како одговор ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.