Во инцидентот со придружбата од обезбедувањето на главниот бугарски обвинител Иван Гешев нема повредени, соопшти главниот секретар на МВР, Петар Тодоров, јави БТА.
МВР на Бугарија претходно денеска пријави инцидент со колоната на главниот обвинител Иван Гешев на патот Софија – Самоков.
„Во инцидентот нема повредени…Не се повредени ниту главниот обвинител, ниту неговиот тим, ниту други граѓани. Во случајот сите сили се подигнати на спроведување на мерките за расчистување на случајот“, додаде Тодоров.
Формиран е штаб со сите служби на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Засилено полициско присуство има на патот каде се случил инцидентот. Во вторник, привремениот премиер ќе свика состанок на Советот на министри.
Бугарски медиуми јавија дека била активирана експлозивна направа поставена покрај пат и оштетила автомобил од обезбедувањето на бугарскиот главен обвинител.