Во Италија најмногу смртни случаи од бактерии отпорни на антибиотици

Италија е првата земја во Европа по бројот на смртни случаи поради инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици, се вели во извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Според тој извештај, секоја година во Италија годишно умираат 12.000 луѓе поради инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици, од вкупно 35.000 кои починале од истата причина во ЕУ, Норвешка и Исланд, се вели во извештајот.

Во извештајот објавен на Европскиот ден на отпорност на антибиотици, се вели дека потрошувачката на антибиотици во ЕУ се зголемила за еден процент помеѓу 2019 и 2023 година, што ја оддалечува ЕУ од целта за намалување на употребата на антибиотици за 20 отсто до 2030 година, со цел борба против Антимикробна отпорност (АМР) на антибактериски лекови.

Се додава дека ако трендот не се промени, АМР ќе стане водечка причина за смрт во Италија до 2050 година, надминувајќи ги кардиоваскуларните болести и ракот како причина за смрт.

Антимикробните средства – вклучувајќи антибиотици како и лекови против вируси, габи и паразити – се лекови кои се користат за спречување и лекување на заразни болести кај луѓето, животните и растенијата.

Антимикробната отпорност (АМР) се јавува кога бактериите, вирусите, габите и паразитите повеќе не реагираат на антимикробните лекови. Како резултат на отпорноста на лекови, антибиотиците и другите антимикробни лекови стануваат неефикасни, а инфекциите стануваат тешки или невозможни за лекување, зголемувајќи го ризикот од ширење на болеста, тешка болест, инвалидитет и смрт.

АМР е природен процес кој се случува со текот на времето преку генетски промени кај патогените. Нејзиното појавување и ширење е забрзано од човековата активност, главно со злоупотреба и прекумерна употреба на антимикробни средства за лекување, спречување или контрола на инфекции кај луѓето, животните и растенијата.

Отпорноста на антибиотици кои се користат како последна линија за третман на инфекции, како што се карбапенеми, има најголемо влијание врз здравјето.

Помеѓу 2016 и 2020 година, вкупниот број на смртни случаи предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици под проучување е зголемен.

Бројот на смртните случаи што се припишуваат на бактериите Клебсиела пнеумониа и Ацинетобактер, кои се отпорни на карбапенеми и најчесто ги предизвикуваат инфекциите поврзани со здравствената заштита, се зголемија за приближно 50 отсто.