Банките од регионот одлично се офајдиле изминатата година. Нивните профити се мерат во стотици милиони евра. Приходите од камати, провизии и други основи во 2022 година ги надминале приходите од годината претходно. Во продолжение, ,,Во Центар” ви презентира податоци за тоа колкава добивка остварил банкарскиот сектор во земјите од Западен Балкан.
Македонските банки со профит од над 157 милиони евра
Во Северна Македонија, според извештајот на Народната банка, 13 комерцијални банки во 2022 оствариле вкупен профит од 157,3 милиони евра. Тоа е за 8,5 милиони евра или 5,7 отсто повеќе од 2021 година. Над 90 отсто од профитот отпаѓа на петте најголеми банки. Банките во Северна Македонија во 2022 година оствариле нето приходи од камати во износ од 287 милиони евра, а од провизии и надоместоци 101 милион евра.
Рекордна добивка на банките во БиХ
Банките во Босна и Херцеговина во 2022 година остварија рекордна добивка. Профитот изнесува 502 милиони конвертибилни марки или околу 250 милиони евра. Од нив на банките во федерацијата БиХ отпаѓаат 180 милиони, а на тие во Република Српска 70 милиони. Во 2021 профитот изнесувал 409 милиони евра.
Раст од 40 отсто во Србија
Во Србија банките исто така имаат раст на профитот. Само за првите шест месеци од 2022 година, 22 комерцијални банки оствариле добивка пред оданочување од 317,4 милиони евра. Во 2021 година за истиот период профитот пред оданочување на банките бил 226,5 милиони евра. Тоа знаи дека растот на профитот е за 40 отсто.
Три банки во Црна Гора со половина од вкупниот профит
Единаесет комерцијални банки работат на пазарот во Црна Гора. Тие во 2022 година оствариле профит од 83,3 милиони евра. Повеќе од половина од профитот го реализирале три банки. И кај банките во Црна Гора најголем дел од приходите доаѓаат од камати и провизии.
И банките во Албанија уриваат рекорди
Рекордна добивка во 2022 година бележат и банките во Албанија. Според податоците достапни од Асоцијацијата на банки добивката во 2022 година изнесувала 23,8 милијарди леки или околу 207 милиони евра. Споредено со 2021 година, профитот е зголемен за 25 отсто.
Косовските банки со 19 отсто раст на добивката
Централната банка на Косово минатиот месец соопшти дека профитот на комерцијалните банки во 2022 година изнесувал 140,3 милиони евра. Во 2021 година добивката на банките во Косово била 117,5 милиони евра. Зголемувањето во 2022 година е за 19 отсто.
ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН