Со сведочење на вешто лице на предлог на обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за преостанатите обвинети во случајот „Синџир“ кој се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра.
Во случајот беа обвинети над 30 физички и правни лица, од кои најголем дел признаа вина и за нив Основниот кривичен суд Скопје изрече затворски, условни и парични казни. Постапката продолжува за 12 обвинети физички и правни лица.
Дополнително, со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица, како што информираше Јавното обвинителство своевремено, биле постигнати спогодби, со кои се вратени безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.
Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.