Во Кривичен продолжи судењето за „Софтвери“

 Во Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжи судењето за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

На предлог на одбраната, денеска ќе бидат сослушани вештите лица, технички советници, Милица Шутова и Ристо Котев.

На изминатото рочиште беа сослушани сведоци, вработени во генералниот секретаријат на Владата. Испрашувани беа сведоците Зорица Стојановиќ, Агим Махмути и Мирче Јанев. Обвинетиот Драги Рашковски преку директно испрашување постави прашања во врска со конкретни докази, дописи и одговори од Владата, во насока на тоа дали сведоците се изготвувачи на истите.

Доказите се однесуваа на тоа дека, како што тврди одбраната, документите кои се однесуваат на јавната набавка, се транспарентно евидентирани во основните средства во Владата.

Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.