Екипите на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, секција Крива Паланка, до рано изутрина беа на терен со сите расположливи возила, расчистувајќи го паднатиот снег и посолувајќи ги коловозите, за непречено и непрекинато одвивање на сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци на подрачјето на Општина Крива Паланка, Ранковце и Кратово.
– Висината на снежната покривка на повисоките места изнесува околу дваесетина сантиметри, но заедно со вработените во нашата секција, со возилата со кои располагаме и ангажирани возила од трети лица, навреме го реализиравме расчистувањето на патиштата во наша надлежност: магистралниот пат А2, Куманово-Крива Паланка, од м.в. Ругинска кривина сè до граничен премин со Р. Бугарија, Деве Баир, Кратово и кратовско, Ранковце, регионални патишта кон селата Огут, Луке и Герман. До рано изутрина со екипите бевме на терен, потрошени се околу триесет тони абразивен материјал, сол и ризла, така што, сообраќајот за сите патнички и товарни моторни возила се одвива непречено, информира Боби Димитровски, раководител на секцијата на ЈП за одржување магистрални и регионални патни правци, Крива Паланка.
Посочи, претпријатието редовно, секојдневно врши зимско одржување на патиштата, што е примарна дејност во овој период од годината.
Во градскиот реон на Општина Крива Паланка, задолжено за зимско одржување е Јавното претпријатие „Комуналец“, од каде што информираат дека снежната покривка е нешто помалку од десет сантиметри во градот.
– Во текот на изминатото деноноќие, од вчера попладне кога почна да паѓа снег, досега, екипите со четири возила за расчистување снег и два скипа, ги расчистуваа улиците. Коловозите се посолени со абразивни, материјали, како и пристапите до училиштата, градинката, итните служби, а во моментот се работи на расчистување на остатоци од снег на тротоари и јавни површини, онаму каде што се задржал снегот, бидејќи дел се топи, а имаме екипи и на неколку критични места во градот каде се работи сè уште, изјави директорот на ЈП Комуналец, Миле Марковски.