Снабдувањето со електричната енергија повторно е воспоставено во централниот и источниот дел на Куба, по проблемите со електричната мрежа, соопшти доцна синоќа Националната електроенергетска компанија.
Хаваријата се случи речиси пет месеци по големиот дефект со електричната мрежа.
„Четири часа и 49 минути по прекинот на струја, сите трафостаници во земјата се под напон во целиот електроенергетски систем“, изјави техничкиот директор на компанијата Лазаро Гуера и додаде дека наскоро сите во Куба ќе имаат струја.
Од Министерството за енергетика и рударство соопштија дека хаваријата најверојатно се случила поради пожар во поле со шеќерна трска, кое се наоѓа во близина.
Прекин во снабдувањето со струја немаше во Хавана.
Од 2022 година Куба се соочува со проблем со производство на електрична енергија поради лошата состојба на електраните кои редовно имаат дефект или се исклучуваат заради одржување.