Во поплавите предизвикани од бурата „Даниел“ во Либија, се стравува дека загинале меѓу 18.000 и 20.000 луѓе!
Овие загрижувачки податоци денес ги изнесе градоначалникот на либискиот пристанишен град Дерна, Абдулменам ал Гаити, кој изјави дека тие загинале кога пукнале две брани во тој град, по што цели населби биле поплавени додека луѓето спиеле. Абдулменам ал Гаити за тамошните медиуми вели дека тие проценки се засноваат на бројот на жители кои живееле во населбите уништени од поплавите.
Лидерите на либиската администрација со седиште во Триполи го повикаа обвинителството да отвори истрага за уривањето на две брани што доведоа до катастрофални поплави во градот Дерна.
Неоткриените тела се уште се под урнатините или во морето. Вработените во Итната помош во Либија се во трка со времето за што поскоро да ги закопаат загинатите од поплавите во градот Дерна и со тоа да го спречат потенцијално ширење на болести, соопштија либиските служби за итни случаи.
Тамошните медиуми објавија дека спасувачките екипи успеале да навлезат во неколку оддалечени области во Дерна и Сус, но дека има делови до кои се уште е тешко достапни. Се земаат примероци од телото за ДНК анализа за идентификација.
ОН предупредија дека десетици илјади луѓе раселени во Либија сега се изложени на ризик од болести што ги носи загадената вода. Јенс Лерке, заменик портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, изјави за BBC дека бунарите се контаминирани.