На средбата во Нион се разговарало за можни промени за следната сезона во Лигата на шампионите, со што ова натпреварување би им било поедноставно на фудбалерите.
Членовите на УЕФА предводени од Александар Чеферин одржаа состанок со претставници на Синдикатот на професионални фудбалери (ФИФПро) и дојдоа до заклучок дека продолженијата треба да се укинат од Лигата на шампионите.
Ова е заклучокот откако фудбалерите во последните години постојано се жалат на преголем напор, оптоварување на натпреварите и минутите. Овој чекор ќе ги ублажи нивните напори.
Како што пренесува Гардијан, еден од првите потези за ублажување на проблемот со заморот кај фудбалерите треба да биде укинување на продолженијата во Лигата на шампионите.
Многу натпревари во најпопуларното европско натпреварување во нокаут фазата се решаваат со продолженија, а во наредниот период не би требало да биде така, туку автоматски би се играле пенали. Со тоа би се избегнале дополнителни 30 минути кои се заморни и за играчите и за навивачите на клубовите учесници.
Многу натпревари веќе немаат дополнително време. Таква е ситуацијата во Суперкупот на Европа, а неодамнешниот дуел помеѓу Севиља и Манчестер Сити отиде директно на пенали откако регуларните 90 минути завршија без победник.
Секако, правилото за дополнително време се уште не е официјално укинато, но двете клучни партии се договорија дека тоа е реална опција, па би можело да се спроведе веќе следната година.