Загадениот воздух, особено честичките (PM2,5 и PM10), како што е случајот во повеќето градови во Македонија, е поврзан со бројни здравствени последици, особено болести на респираторниот и кардиоваскуларниот систем, а зависи од бројни фактори како што се индивидуалните карактеристики, полот, возраста, генетските и наследни болести, пропратните заболувања, начинот на живот, велат од Институтот за јавно здравје.
Проценките на ИЈЗ за периодот 2019-2021 година покажуваат дека секоја година, Македонија губи 4.175 животи кои се припишуваат на изложеноста на тековните концентрации на честичките ПМ2,5. Според последните проценки за 2024 година, кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година, годишно умираат 291,4 лица на 100.000 жители поради квалитетот на воздухот.
Институтот за јавно здравје забележува дека при исти измерени концентрации, ефектите врз изложената популација може да бидат различни, бидејќи многу важен фактор е хемискиот состав, односно составот што го носат тие честички, како што се тешки метали, сулфати, хлориди итн.
Долготрајната изложеност на високо ниво на загаден воздух е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак.
„Кога станува збор за загадувањето на амбиенталниот воздух, станува збор за еколошка нееднаквост што ги влошува здравствените нееднаквости, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми, особено меѓу сиромашните и ранливите групи на население“, велат од ИЈЗ.
„Хроничната опструктивна белодробна болест – ХОББ вклучува емфизем и хроничен бронхитис, кои се влошуваат со долготрајна изложеност на загадувачи како што се честички – PM2.5, азот диоксид – NO2 и озон – О3, особено озон и фини честички, може да предизвикаат инфекции и зголемени инфекции кај децата, зголемени симптоми на астма нхитис, бидејќи ја ослабува одбраната на белите дробови. Долготрајната изложеност на загадување на воздухот, особено од канцерогени како бензен и други испарливи органски соединенија (VOCs), е поврзана со зголемен ризик од рак на белите дробови. Честичките и загадувањето на амбиенталниот воздух, вклучително и загадувањето од сообраќајот, се класифицирани како група 1, секако канцерогени за здравјето на луѓето, од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот“, велат од ИЈЗ.