Само во првите три месеци од годинава од 17 сообраќајки на патиштата во нашата земја животот го загубиле 21 лице. Причина за смртните последици, според МВР, во најголем број случаи биле непочитување на сигнализацијата.
„Во првиот квартал од 2024 година евидентирани се вкупно 17 сообраќајни незгоди со смртни последици поради непочитување на вертикалната и хоризонталната патна сигнализација. Во сообраќајни незгоди животот го загубија 21 лице“, велат од МВР.
Граѓаните велат дека често се чувствуваат небезбедно дури и на улица, додека пак велат дека дополнителен проблем во текот на летото се и младите кои возат мотори на коловоз.
„Мислам дека граѓаните не се безбедни затоа што не се почитуваат сообраќајните знаци и после тоа кога ќе се случи нешто знаеме дека се изречени казните. Младите да бидат повнимателни“, рече граѓанин.
„Мислам дека порано се почитуваа правилата, но немаше сообраќај како сега, но сега, да не ги критикуваме младите, туку тие се појаки од воланот. Мислат дека се безбедни на воланот, но воланот не е безбеден за возачите“, нагласи друг граѓанин.
На некои патишта моторциклистите возат пребрзо, а особено во вечерните часови дури и се тркаат“, додаде граѓанин.
„Треба да внимаваат бидејќи моторите се опасни, се случуваат повеќе несреќи, газат деца. Треба да биде правилно“, рече друг граѓанин.
Токму за непочитување на сообраќајните правила, само еден ден на територијата на град Скопје, полицијата изрече 102 санкции, од кои 14 за возење без возачка дозвола, две мерки за прекршоци на возачи на моторцикли, девет санкции за користење мобилен телефон при возење, 10 санкции за некористење појас и две санкции за поминување на црвено светло. Министерството за внатрешни работи апелира да се почитуваат сообраќајните правила.