Во март 340 граѓани од Македонија побарале азил во земјите на ЕУ

Во првиот квартал од 2024 година, граѓаните од Албанија и Косово беа на врвот на листата на баратели на азил во земјите на Европската унија, оставајќи ги зад себе граѓаните од другите земји од Западен Балкан како Македонија, Србија, Босна Херцеговина и Црна Гора.

Според последниот извештај на Европската агенција за азил (ЕУАА), само во март земјите од ЕУ примиле 624 барања од албански државјани и 513 од косовски државјани. Овие бројки се значително повисоки во споредба со 340 барања од Македонија, 272 од Србија, 109 од Босна и само 37 од Црна Гора.

Најатрактивни земји за македонските граѓани се Германија, Белгија и Франција, каде од претходните барања досега се решени 457, додека уште 1052 се уште се разгледуваат.

Од друга страна, интересот на Албанците за азил и понатаму е голем во Франција, Италија и Германија, а доказ за тоа се 9145 барања поднесени во текот на 2023 година.

Иако во 2024 година има зголемен број барања од албански баратели на азил, процентот на прифатени барања е особено низок, дури ни 1% од вкупниот број.

Во исто време, додека земјите од ЕУ бележат севкупен пад на бројот на барања за азил од декември 2023 година, чекањата за азил достигнаа највисоко ниво во последните седум години. Овој тренд следи по благ пад во зимските месеци, но останува во согласност со сезонските очекувања.

Овој пад на барањата за азил доаѓа во време кога Европскиот парламент усвои нови реформи во рамките на управувањето со миграцијата, обидувајќи се да ги подобри одговорите на ЕУ на различните миграциски текови.