ВО НОВ ЗЕЛАНД 6 МРТВИ ВО ПОЖАР НА ХОСТЕЛ! Луѓето панично бегале на покривот, зградата била целосно јагленисана, се трага по уште 11 лица

Шест лица загинаа денеска во пожар во четирикатен хостел во Нов Зеланд , изјави новозеландскиот премиер Крис Хипкинс.

Хостелот Loafers Lodge во Њутаун, јужно од Велингтон, се запали нешто по полноќ. До зори, горните катови на зградата беа јагленисани со црна боја.

„Тоа е апсолутна трагедија“, рече Хипкинс, додавајќи дека е потврдена смртта на шест лица, но стравува дека бројот на жртви може да биде поголем.

Пожарникарите соопштија дека се спасени 52 лица, од кои некои се засолниле на покривот. Но, неколку десетици се уште се водат како исчезнати.

Шест од повредените се пренесени во болница, а на 15 им била укажана помош на лице место, соопшти службата за итна помош во Велингтон.

„Ваков пожар се случува само еднаш во десет години во Велингтон. Тоа е нашиот најголем кошмар“, изјави директорот на службата за итни случаи, Ник Пајат.

Според него, кога избувнал пожарот, во зградата имало околу 90 луѓе.

Контролорот на пожарникарите и итни случаи Брус Стабс изјави дека ги лоцирале телата на шест лица, но се уште не успеале да ги извлечат од зградата. Тој рече дека покривот се урнал и службите за итни случаи не биле во можност да ја пребараат целата зграда. Пожарникарите и службите за итни случаи на Нов Зеланд потврдија дека 11 лица се водат како исчезнати, а делови од хостелот се урнале.

Loafer’s Lodge претходно се користеше како итно сместување. Кризата за домување во Нов Зеланд значи дека сè поголем број луѓе престојуваат во мотели и хостели на долг рок. Loafers Lodge понуди основни, достапни соби со заеднички салони, кујни и перални за луѓе од сите возрасти.

Околу 80 пожарникари и 20 противпожарни возила го гаснеа пожарот додека од хотелот излегуваше многу чад.

Причината за пожарот не е прецизирана.