Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ овој викенд во Охрид ја организира втората Интердисциплинарна студентска конференција.
„Охрид ќе биде центар на младинската енергија, знаење и инспирација“, посочуваат од УСС УКИМ.
Настанот ќе опфати 14 едукативни работилници, две панел-дискусии и една тематска забава.
Работилниците ќе обработуваат теми од различни области — економија, технологија, здравје, општество и личен развој.
Односно, меѓу другото, ќе има теми за „Долгорочни и краткорочни цели низ менаџмент на времето“, исто така за „Сексуална и менструална едукација“, потоа „Mojoт политички компас“, понатаму за тоа „Како да изградите интересна приказна и успешно да се претставите себеси“, ќе се зборува и за „Младите и финансиската независност“, но и за „Јазикот на протестот“ и „Критика на филм“.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат и две панел-дискусии на темите „Природно или совршено — што избираме?“ и „Бесконечен раст на конечна планета — дали сме жртви на сопствената алчност?“.
„Настанот има за цел да поттикне критичко размислување, интердисциплинарен пристап и активно вклучување на студентите во теми што го обликуваат современото општество, при што конференцијата претставува платформа за размена на идеи, искуства и визии за иднината“, посочуваат од УСС УКИМ.