Досега, 14 лица починаа, а повеќе од 150 случаи се потврдени по избувнувањето на Легионерска болест во југоисточна Полска минатата недела. Девет нови случаи се откриени денеска, а повеќето од заразените се во болница, јавува Би-Би-Си.
Локалните власти сè уште истражуваат како бактеријата легионела, која ја предизвикува болеста, влегла во водоводот на градот Жешов и неговата околина.
Жешов е центар од кој се испраќа воена и хуманитарна помош во Украина и е домаќин на голем број американски војници.
-Не добивме информации што би укажувале дека се работи за саботажа, изјави Станислав Зарин од Кабинетот на полскиот премиер.
Тој додаде дека специјалните служби сакаат да ја исклучат саботажата како опција, со оглед на локацијата на избувнувањето.
Легионерската болест е сериозна белодробна инфекција која се шири со вдишување на капки контаминирана вода, но не е заразна.
Луѓето можат да се заразат додека се тушираат, користат тоалет или користат клима уред, а првичните симптоми може да се помешаат со грип.
Луѓето на возраст над 50 години и оние чиј имунолошки систем е компромитиран се особено подложни на болеста, која се лекува со антибиотици.