Во пренатрупаните италијански затвори годинава се самоубиле 50 затвореници и пет чувари

– Во Италија годинава се самоубиле 50 затвореници, што е за 16 повеќе во однос на истиот период лани, соопшти денеска италијанскиот комесар за извршување на затворските санкции, наведувајќи дека италијанските затвори се преполни.

 „Ова е голема бројка во споредба со јули 2023 и 2022 година, кога се регистрирани 34 самоубиства. Годинава е забележан пораст од 16 самоубиства. Се самоубиле 48 мажи и две жени, а од нив 27 биле Италијанци, додека 23 странци од 14 од различни земји. Судење чекале 19 од нив (38 отсто). Просечната возраст на 50-те лица кои се самоубиле е околу 39 години“, се наведува во извештајот на Народниот правобранител.

Комесарот во полугодишниот извештај наведува и дека годинава и најмалку пет затворски чувари извршиле самоубиство.

Владата на премиерката Ѓорѓа Мелони во средата усвои уредба со низа мерки насочени кон олеснување на пренатрупаноста во затворите. Во уредбата се наведува дека ќе се формира список на отворени затворски објекти, во кои ќе можат да се сместат одреден тип на затвореници, како што се оние со кратки казни, зависниците од дрога и оние кои се осудени за одредени ненасилни кривични дела.

Воведени се и поедноставени процедури за доделување условно ослободување, нови насоки за регрутирање, обука на чувари и раководители на затворите, а се планира и зголемување на бројот на телефонски повици што им се дозволува на затворениците.

Во италијанските затвори во моментов казната ја издржуваат околу 61.000 затвореници, а официјалниот капацитет на институциите за спроведување на затворските санкции е 51.000.